Запознајте го Драган Сретеноски! - Ментор на Academy for 3D Modeling, Animation and Visual Effects | NewMan's Business Accelerator

Запознајте го Драган Сретеноски! - Ментор на Academy for 3D Modeling, Animation and Visual Effects

News Posted on 14/02/2019 in Academy

ЊуМенс: Здраво Драган, ти си дел од Академијата за 3Д Моделирање, Анимација и Визуелни Ефекти на ЊуМенс Академија веќе 5-та година по ред. Кажи ни што точно подразбира твојата работа и сподели нешто за твоите почетоци во компјутерската анимација.
Драган: Во мојот дел од работата во 3Д одделот, фокусот се става на изработка на 3Д елементи, предмети, околини и карактери кои што не биле снимени или воопшто не постојат. Многу возбудлив дел од процесот е да се изработат тие нови и непостоечки елементи, особено карактерите на кои им се дава живот преку процесот на анимација. Инаку, кога во 1997 година се отвори студиото за анимација и 3Д моделирање на ФХ3Х, јас бев еден од првите двајца вработени во компанијата. Јас тогаш бев повеќе технички ориентиран и имав задача да го поставам целиот процес на функционирање на 3Д делот од компанијата. Како што растеше компанијата така се зголемуваше и бројот на проекти кои ги добивавме, а исто така се зголемуваше и потребата за нови луѓе во тимот. Проектите на кои работев исто така ја развија креативноста кај мене, за потоа да продолжам како супервизор во 3Д одделот. Во оваа професија, задоволство е на дневна основа да се совладаат како техничките така и креативните предизвици, а тоа создава динамика, секогаш да се работи на нешто ново и различно и практично не постои терминот „досадно“.

ЊуМенс: Кажи ни нешто за тебе како ментор во твојата компанија и предавач на академијата на ЊуМенс.
Драган: Низ годините имам обучено голем број на луѓе што резултираше со зголемување на капацитетот на компанијата. Како се зголемуваше бројот на вработените кај мене се јакнеше смислата за организација. Денес компанијата брои преку 200 вработени. Мојата љубов кон 3Д анимацијата направи со тоа да се занимавам и после работното време, односно да ја прифатам понудата од ЊуМенс да бидам предавач на академијата. Во последните 5 години академијата ја посетуваа преку 60 студенти, од кои потоа дел станаа и мои колеги.

ЊуМенс: Кој е твојот најомилен филм?
Драган: Кога би требало да одговорам кој ми е најомилен филм од оние на кои сум работел е премногу тешко. Многу се приврзуваме со се она што го работиме. А што се однесува до филмовите кои ги гледам за забава, секогаш ме импресионирале оние што ги снима Jackie Chan, затоа што има многу опасни и динамични сцени кои се снимаат без да се употребуваат ефекти. Поконкретно: The Tuxedo, The Medallion, Drunken Master... има многу :)

ЊуМенс: А за кој филм би рекол дека е „остварената желба“, со тоа што си учествувал во процесот на креирање на истиот?
Драган: Кога започнав со оваа професија најмногу ме привлече тоа што се бара комбинација од знаења, треба да се научи комплексен технички дел и со тек на време да се усоврши и кретивниот дел. Никогаш не тргнав со идеја дека ќе работам на некој конкретен филм кој ми е омилен или популарен. Но среќен сум што имав прилика да работам на Resident Evil - Afterlife, тој филм ми беше интересен затоа што претходно ја имав играно играта Resident Evil.

ЊуМенс: Што би им посакале на новите студенти на академијата?
Драган: Драган: Доколку сакате да научите повеќе за целиот процес на правење филм и сакате да ја насочите својата кариера во тој правец, одлична можност е да се приклучите на aкадемијата на ЊуМенс за 3Д Моделирање, Анимација и Визуелни Ефекти.

Дознај повеќе за Академијата